
Општинска организација Неготино е лиценциран давател на социјалната услуга помош и нега во домот
Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Неготино од октомври 2023 година е официјално лиценциран давател на социјалната услуга помош и нега во домот. Услугата е наменета за стари, болни и лица со намалена подвижност, со цел да им се овозможи достоинствен и квалитетен живот во нивниот дом. Грижата ја обезбедуваат обучени негуватели кои секојдневно помагаат околу основните животни активности, водење домаќинство, набавка на потребни продукти, одржување на хигиена и поддршка при медицински препораки.
Паралелно со овие активности, во рамките на организацијата се реализираат и лиценцирани обуки за Негувател/ка за помош и нега на стари лица, со програма верифицирана од Центарот за образование на возрасни. Обуките се составени од теоретски дел, и практична настава, со што учесниците стекнуваат стручност и самодоверба за квалитетно извршување на оваа хумана професија. По завршувањето, кандидатите добиваат официјален сертификат кој е признат и овозможува вработување во институции и приватни установи.















































